„Со оваа креда е невозможно да напишеш погрешна теорема“, вели универзитетски професор по математика. „Претпоставувам дека специјалната состојка ѝ се ангелски солзи“, вели друг.
Се вика Хагоромо и околу неа е создаден цел култ во професорските кругови, особено кај „природњаците“ и математичарите кои почесто од останатите (сè уште) имаат потреба да испишуваат цели табли во текот на предавањата. Тоа е ролс-ројс на кредите, и секако, е јапонски изум, кој може да се набави само во Јапонија. Што е толку посебно во неа? Велат тешко било да се објасни, но според она што го гледаме во видеото, таа едноставно „лизга“ по таблата, не се крши, и лесно се брише. Исто така не забележавме дека по пишувањето професорите изгледаат како да треба некој да ги помине со правосмукалка.
Пред четири години излегол муабет дека компанијата што ја произведува кредата ќе затвора, ситуација која еден од професорите во видеото ја опишува како „чокапокалипс“ (кредокалипса). Професори почнале да трупаат креди, натпреварувајќи се кој ќе се дограби до повеќе. Некои дури и си имаат пресметано колку години ќе можат да издржат со сегашната залиха. Звучи како зафрканција, но знаејќи ги академските кругови веројатно е вистина - еден професор дури се претворил во креда-дилер, продавајќи им ги на кутии или по парче на своите колеги.
Сега друга компанија ги купила правата на формулата и прави нешто многу блиску до оригиналот. Сепак, иако звучи како реклама за кредата, ова видео е повеќе славење на нештата што се прават со раце, а во таквата вештино-наука-уметност спаѓа и предавањето знаење . Со креда во едната рака, и сунѓер во другата.