Блогерскиот формат дава големи можности за регистрирање и архивирање сцени, чувства и моменти од секојдневниот живот. Таков е популарниот „Луѓе од Њујорк" за кој веќе пишувавме, или Last Night's Reading, на кој се собираат цитати од книжевни читања во истиот град. На нејзиниот блог Worn Stories, пак, Емили Спивак, со години објавува фотографии на парчиња облека поврзани со интересна, тажна или смешна приказна од нечии животи.
Има тука и блузи изедени од молци, и погрешно закопчани кошули, и сатенски гаќички, сите поврзани со приказни, за починати родители, напуштени љубовници или убаво поминати вечери. Во книгата под истото име кое беше објавена овој август и познати личности - главно уметници, писатели и актери - споделуваат спомен или случка поврзани со дел од нивната облека. Сепак, таа не игра толку на картата на „познатоста" на луѓето кои напишале текстови, колку на едноставноста на темата, со која може да се идентификува секој. Имате некое парче за која е врзана ваша интимна, смешна, тажна или чудна приказна? Испратете ни со фотка на ѕидот на Букбокс на ФБ. Еве го оној на Марина Абрамовиќ за нејзиниот омилен пар чевли со коишто го поминала Кинескиот ѕид.
А еве го моето парче облека и приказната врзана со него. Шаренилото на толкувања кои ги има привлечено Q-то на оваа блуза е приказнa за себе - од прашања дали сум љубител на групата Queen, преку тоа дали сум „квир", или сум по рационалните броеви (да, и ова се случило). Всушност, ја испечатив како трибјут на Пирсиг и неговата „Зен и уметност..". Q е неговиот (и нашиот?) концепт на Квалитет.