Претстава која ја играте сами со инструкции кои ви ги носат до дома

Вие сте единствениот изведувач, истовремено и публика, во оваа драма чија содржина е различна за секој актер-гледач.

Делото на Колбрун Бјорт Сигфусдотир, по потекло од Исланд, во моментов режисерка и драматург во Шкотска, започнува со поштенска достава до дома. Курир ви поддава коверт и ве замолува да го отворите. Внатре е вашето сценарио.

Ваквата „претстава“ веќе се одвиваше во повеќе домови во Единбург, а сега, до 28 ноември, и секоја вечер во Глазгов. Таа го преместува театарскиот фокус од мониторите, во просториите на оние во делумна или целосна изолација. Публиката го наоѓа настанот онлајн, купува билет за одреден час и во тој период може да очекува коверт на врата. Во него има порака, неколку инструкции и ветување за телефонски повик. Од тој момент вие ја изведувате „Oслободување“ (Deliverance) сами во вашиот дом, овозможувајќи пораката во ковертот и телефонскиот разговор да ви го одбележат животот во следните час или два, исто како што тоа би го направила добра претстава во театар.

Авторката ја опишува претставата не како игра, ниту како експеримент, туку повеќе како „дозвола“ - човек да се тргне од интернет и од сопствениот живот и да ги погледне нештата поинаку, иако се наоѓа дома. Дозвола за интроспекција, за малку мир.

Сигфусдотир пристигнала во Единбург во 2013 откако го напуштила родниот Исланд како резултат на финансиската криза од 2009. Најпрвин работела во хотел, додека студирала на постдипломски студии. Таа се надева дека деталот на носење нешто до дома ќе поттикне чувство на физичко присуство кое го имаме кога сме во театар, заедно со сознанието дека иако во моментот сме сами има и други луѓе - обично десет - кои минуваат низ истото искуство истовремено со нас. Тоа генерира чувство дека публиката минува низ истото патешествие заедно, исто како и во театар, дури и во овие чудни, осамени времиња.