Православниот монах кој бил британски шпион

Човек кој во Атина бил познат како побожен православен свештеник, сакан исповедник и духовен водач, всушност бил Дејвид Балфур – британски дипломат и агент на тајната служба. Неговата двојна улога и блиските врски со грчкото општество и кралското семејство ја прават неговата приказна достојна за шпионски роман.

Дејвид Балфур, подоцна познат како отец Димитриј, е роден во богато британско семејство во 1903 година. Студирал на повеќе европски универзитети и зборувал многу јазици, меѓу кои англиски, француски, италијански, германски, руски, полски и грчки. Неговото образование и јазични способности го направиле идеален кандидат за британската разузнавачка служба.

Првично бил католик, но со текот на времето се заинтересирал за православието. Во 1932 година отпатувал на Света Гора, во рускиот манастир „Свети Пантелејмон“, каде што бил под силно влијание на монахот Софрониј Сахаров. Поради тоа го напуштил католицизмот и преминал во православната вера.

Подоцна бил ракоположен за свештеник во Париз и го добил името отец Димитриј. По краток престој во Лондон, во 1935 година повторно дошол во Грција, каде што добил парохија во мала црква во дворот на болницата „Евангелизмос“ во Атина.

Од самиот почеток отецот станал многу популарен. Неговите проповеди, убавиот глас, образованоста, хуманитарната работа и мирниот карактер го направиле омилен меѓу богатите атински семејства. Станал исповедник на многу познати личности, меѓу кои и генералот Александрос Папагос (многу битна фаца во време на Втората светска војна - врховен командант на грчката армија) и премиерот Александрос Коризис.

Свештеникот предавал и англиски јазик во Британскиот институт во Атина и воспоставил блиски односи со високите кругови на Грчката православна црква и со кралското семејство. Од 1937 до 1939 година бил особено близок со кралот Џорџ Втори и другите членови на династијата. Благодарение на овие врски, британската разузнавачка служба добивала важни информации за состојбата во Грција во пресрет на Втората светска војна.

За време на Грчко-италијанската војна отец Димитриос им помагал на грчките војници и на нивните семејства, стекнувајќи уште поголема почит кај народот. Но, неколку дена пред Германците да влезат во Атина во април 1941 година, се случило нешто неочекувано. Верниците го виделе отец Димитриј со кратко потстрижена коса, без брада, облечен во воена облека. Тој влегол во британски воен џип и заминал за Пиреја, а потоа за Каиро, каде што избегале грчкиот крал и дел од владата.

Тогаш станало јасно дека зад ликот на православниот свештеник се криел Дејвид Балфур – висок британски дипломат и член на британската тајна служба. По ослободувањето на Грција, Балфур се вратил во Атина како британски дипломат. Многу Грци биле шокирани и се чувствувале измамени кога дознале дека нивниот сакан отец всушност бил шпион.

И покрај тоа, Балфур продолжил да има големо влијание врз грчката политика во повоениот период. Како Дејвид Балфур останал во Грција до 1947 година. Неговата необична животна приказна и денес останува една од најзагадочните епизоди во современата грчка историја.

29 јуни 2026 - 11:19