Повраќање, паѓање во несвест, инфаркти: колку може да биде опасно гледањето филм?

Рана проекција на нова верзија од „Невозможна мисија“ наводно предизвикала таква реакција кај некои од гледачите што требало да се вика брза помош. Дали ова е маана или напротив добра страна на филмовите од кои и се очекува да „стресат“?

Премиерата на „Невозможна мисија - последната пресметка“ се очекува за некој месец, а режисерот Кристофер МекКуари веќе ветува многу. Имено, тој вели дека филмот може да ве доведе до потреба од медицинска интервенција. 

Во изјава за списанието Емпајр, тој изјавил: „Имавме мала проекција и речиси сите изјавија дека чувствувале гушење во една од сцените. Или дека речиси доживеале срцев удар. Помислив - веројатно сме завршиле добра работа. И тоа е нешто што продава, нели?“. 

Ова не е само убедување на конкретниот режисер, туку стана и очекување на публиката која ако плати за филм сака и да биде „стресена“, не само емоционално туку и со сите сетила. Ова особено се однесува на франшизи кои веќе овозможиле вакви чувства, па секое следно продолжение мора уште повисоко да ја крене летвичката. 

Секако, ова има и граници. Повраќањето и паѓањето во несвест се во ред и се некој вид „орден“ за филмот кој на овој начин се легитимира како провокативен. Но сè над ова веќе не е забавно. Има легенда дека филмот од 1932, „Фрикс“ предизвикал спонтан абортус кај гледачка во публиката која се заканувала дека ќе го тужи студиото. 

Не како легенда, туку како факт, се знае за случаи на срцеви удари во тек на филмски проекции, некои од нив и со смртни последици. Во 1975, тогаш 45-годишниот Елмер Сомерфилд имал инфаркт на 45-тата минута од „Ајкула“. Во 2004, 56-годишната Пеги Скот реагирала слично на сцената со распнувањето во „Страдањето на Исус“. Од поновите филмови, 42-годишен маж од Тајван имал тежок срцев удар во тек на „Аватар“. Кога умрел 11 денови подоцна, докторите за ова не го обвиниле неговиот хроничен висок притисок туку „прекумерната возбуда“ од филмот. 

Сепак, ниту едно студио и ниту еден режисер не се фали со ваквите податоци. Ако некој е доведен до работ на инфаркт можеби го сфаќаат како добра вест. Но буквалното умирање среде проекција никако не би можело да биде тоа. 

21 јануари 2025 - 19:11