Режисерот Френк Оз, најпознат по соработката со Џим Хенсон во „Мапет Шоу“ и со Џорџ Лукас на „Војна на ѕвездите“, веројатно бил свесен на што се нафаќа кога ја составувал актерската екипа за „Д Скор“ од 2001 (достапен на Нетфликс). Точно да читаат телефонски именик, Роберт де Ниро, Едвард Нортон и Марлон Брандо, би го привлекле должното внимание. Комбинирано со интересно трилер-акција сценарио кое зборува за грабежи и измами, ова тогаш делувало како загарантиран успешен производ.
Но веднаш по почетокот со снимање, Оз, кој прв пат се соочил со режирање на целовечерна драма, наишол на проблеми и тоа со кого друг, ако не со легендата Брандо. Ликот што го игра е измамник кој се надева дека при крајот на животот ќе ја изведе најбитната акција - кражба на жезло што припаѓало на млада француска кралица. За три недели снимање требало да добие 3 милиони долари. Кога почнал да манифестира однесување на дива, Оз се обидел да го спушти на земја, но добил едно „е*и се“ како одговор.
Условот на Брандо да продолжи бил режисерот веќе да не се појавува на сетот. Сиротиот де Ниро, кој во филмот глуми негов партнер во криминалот, морал да ги пренесува насоките преку асистентот на режија, а Оз ја гледал сцената преку монитор во соседната просторија.
Дури ни ова не било доволно - Брандо го нарекувал поранешниот куклар од Мапет Шоу, „Мис Пиги“. „Сигурно сакаш да сум кукла, да ми ја ставиш раката во задникот и да го правам тоа што сакаш“ - му се дерел тој пред екипата.
Не е ни чудо што и другиве актери почнале да се сомневаат во квалитетот на филмот. Де Ниро уште пред почетокот рекол дека има резерви во однос на сценариото, а најмил и свој технички консултант за да им покаже на сценаристите како најдобро да ја осмислат сцената во која треба да се обие огромен сеф. И Нортон, кој е познат по водењето битки за креативна контрола на филмовите во кои настапува, исто така направил неколку ревизии на сценариото.
И покрај сето ова, филмот е добар и особено вреден затоа што се покажал последен за Брандо, кој починал три години подоцна. На фотографија на којашто е заедно со Де Ниро на сетот некој наводно морал со фотошоп да му намести насмевка.