Последната книга поезија на Коен ќе излезе во 2018

„Пламенот“, која се планира да излезе на 16 октомври 2018, ќе вклучува завршени песни, како и илустрации, стихови од албуми, прозни парчиња и материјал од бележници на нашиот омилен трубадур.

Селекцијата на песните и распоредот е направен од самиот автор. Според менаџерот и раководител на неговото наследство, книгата била комплетирана само неколку дена пред смртта на Коен на 7 ноември, 2016. „Во текот на последните месеци од неговиот живот тој беше фокусиран на една единствена работа. Оние кои ја имаа ретката привилегија да минуваат време со него во текот на овој период беа сведоци на тоа дека пламенот светеше во него до самиот крај“.

Книгата ќе биде издадена во Канада од страна на МекКлиланд и Стујард, долгогодишниот издавач на Коен. Тоа ќе биде негова прва книга поезија од „Книга на копнеж“ (Book of Longing) од 2006, а насловот најверојатно е преземен од песната You Want it Darker, насловната од неговиот финален студиски албум, издаден 19 денови пред смртта:

There's a lover in the story

But the story's still the same

There's a lullaby for suffering

And a paradox to blame

But it's written in the scriptures

And it's not some idle claim

You want it darker

We kill the flame

Првата книга поезија на Коен е од 1961, „Кутија со зачини од Земјата“ за која тогашните рецензенти напишаа дека „е полна со ентузијазам и нежност, и се занимава со суптилностите и разбирањето на човечките односи“. Потоа следуваат уште книги поезија, неколку романи и 14 студиски албуми. Во најновата книга се поместени стихови од трите албуми издадени на крајот од неговата кариера и живот, како и од Blue Alert, џезерската соработка на Коен од 2006 со пејачката Анџани Томас.

Неговиот пламен уште гори...

18 октомври 2017 - 15:05