Родена во 1930 во Јужна Африка, Бекет во 1990-тите неочекувано стана популарна ТВ личност во Британија, каде за Би-би-си водеше серија документарци за историјата на уметност. Документарните серии ги вклучуваа „Одисејата на сестра Венди“ и „Големата тура на сестра Венди“. Она што ја одделуваше од други популарни водители беа најмалку две работи - што во текот на нејзината работа на телевизија продолжи да живее испоснички живот, и тоа што никогаш не ги анализираше делата пред камера врз основа на сценарио или со читање од „идиот“.
Студирала англиска литература на Оксфорд, а потоа се вратила во родната Јужна Африка за да предава во манастирски училишта. Тоа го правела скоро две децении додека не ѝ се нарушило здравјето. Тогаш се вратила во Британија и живеела под заштита на кармелитите (католичка верска заедница чиј фокус е на контемплација и работа за заедницата). во Норфолк. Почнала да објавува статии во локалниот весник главно за сакралната уметност, по што следеле покани за ТВ програми и снимање на пет документарни серии. За режисерите била позната како „Венди од прва“ бидејќи скоро никогаш немало потреба да се повторува снимањето на сцените. Често го минувала денот со само чаша и пол млеко дневно.
Станала популарна и во САД откако пропатувала низ шест американски музеи опишувајќи ремек-дела од сликарството и скулптурата. За неа почитта кон уметноста била само дополнување на верата во Бога. Сепак, нејзините познавања не биле ограничени само на визуелните претстави поврзани со религијата, туку и на современите уметници, особено на жените од Британија.
Од гостување кај Чарли Роуз: