На 20 октомври во Торонто почина Џејмс Ренди, на возраст од 92 години. Почнал да се занимава со трикови и магија кога како тинејџер имал несреќа со велосипед, после што 13 месеци поминал во целосен гипс. Неговите доктори велеле дека никогаш повеќе нема да може да оди, но Ренди успеал да застане на нозе. И многу повеќе од тоа.
Во неговите рани 20-ти настапувал како „менталист“ (изведувач кој наводно им чита мисли на луѓе од публика) а рабoтел и како астролог, пишувајќи колумна во канадски таблоид под псевдонимот Зо-ран. Многу патувал, и настапувал во ноќни клубови на Филипините и низ цела Јапонија. Неговото вистинско име било Рандал Цвинге, кое подоцна го сменил со „Амејзинг Ренди“. Негова специјалност почнале да стануваат бегства од затворски ќелии и сефови. На 7 февруари 1956 се појавил во живо во шоуото Тудеј на Ен-би-си каде останал 104 минути во закован метален сандак потопен во хотелски базен, при што го надминал рекордот на Худини од 93 минути.
Во текот на турнејата на Алис Купер во 1973 Ренди настапувал на сцената како „луд забар“ и „егзекутор“. За таа цел биле изградени различни сценски реквизити, меѓу кои и гилотина. Во 1976 избегал од „лудачка кошула“ додека висел со главата надолу над водопадите на Нијагара.
Сепак, неговите активности не биле ограничени само на настапи и кршење рекорди. Негова доживотна мисија било да ги разоткрива измамниците кои тврделе дека имаат паранормални способности, односно кои биле исто така магионичари како и тој, но се претставувале како чудотворци. Постојано им правел местенки, служејќи се и со законски недозволени средства, поради што постојано го тужеле.
Еден од нив бил Питер Попоф, германско-американски евангелист, кого во 1986 Ренди го фатил дека користи мал микрофон во увото за да добива радио пораки од својата жена, која му ги диктирала имињата, адресите и конкретните маки на членови на публиката во текот на сеансите кои тој ги организирал. Попов тврдел дека самиот Бог му ги открива овие информации, за тој да може да ги излечи со силата на својата вера. По ова банкротирал и изгледало дека неговата кариера е завршена. Но по некое време повторно се појавил рекламирајќи некаква чудотворна изворска вода и нарекувајќи се пророк.
Oбразовната фондација Џејмс Ренди десет години подоцна понудила награда од милион американски долари за секој оној кој би можел да демонстрира натприродна способност но под научни критериуми за тестирање, со кои би биле согласни обете страни. Еден од оние кого Ренди го провоцирал да го прифати предизвикот бил британскиот бизнисмен Џим Меккормик, изумителот на АДЕ651, наводен детектор на бомби, што според Ренди всушност била бескорисно ѓубре чија единствена функција била да ги раздели наивците од нивните пари. Иако бизнисменот не одговорил на предизвикот, подоцна бил обвинет за измама и осуден на десет години затвор за негово учество во скандалот со овој апарат, кој бил одговорен за смрт на стотици цивили од терористички бомби. Ренди бил првиот кој укажал на овој случај што всушност и ја поттикнало истрагата.
Во 2015 е снимен документарец „Искрен лажго“ за неговиот неверојатно богат живот, во кој секоја измама сепак била чесна.