Роден 1940 во малото швајцарско гратче Шур, Гигер се преселил во Цирих во 1962 за да студира архитектура и индустриски дизајн. Набргу се свртел кон уметноста, работејќи цртежи со туш и масла на платна кои ќе бидат изложени на неговата прва самостојна изложба четири години подоцна. Пресврт во неговиот стил претставувало неговото подоцнежно откритие на техниката на спрејот (airbrush), која ќе стане негова препознатлива карактеристика.
„Биомеханицистичкиот" стил на Гигер - неговото истражување на врската помеѓу човечкото тело и машината - стана глобално познат кога тој го создаде чудовиштето и сценографијата за антологискиот филм на Ридли Скот од 1979, „Осмиот патник" (Alien), со помош на Карло Рамбалди, креаторот на далеку попријателски настроениот вонземјанин Е.Т. Со неговите метални екстремитети, отворени вилици и долги заби слични на ајкула, овој монструм на уметникот му го донесе Оскарот за визуелни ефекти. Подоцна Гигер продолжи со дизајнирање на ликови за научно-фантастични филмови, како за „Полтергајст 2“ и за хоророт „Видови" (Species).
Во 1998 беше отворен музеј на Гигер во швајцарскиот град Гриер, што претставува најголема постојана збирка на неговите дела. Со неа раководи неговата сопруга (чиј портрет е на сликата), Кармен Марија Шејфеле Гигер, а во музејот се поставени и дела од неговата приватна колекција, како масла на Дали и слики на швајцарскиот поп-сликар Фридрих Кун. По негови нацрти во 1988 е направен Гигер бар во Токио, а годинава исти такви треба да бидат отворени во Њујорк и Сиетл.
Документарец за снимањето на филмот: