Приказната е сместена во дистописка иднина, каде жените кои отстапуваат од традиционалните родови улоги се казнувани како криминалци од страна на тоталитарната власт. Еден од начините на кои се прави ова е прогон на непослушните на тн. Bitch Planet, вонземска казнена колонија, која не служи толку за нивно превоспитување, колку за нивно целосно отстранување од општественото ткиво, како негова метастаза. Инспирацијата на авторката Кели Сју ДеКорник биле филмовите за малтретирање жени по затвори од 1960тите и 1970тите, кои создаваат двојно чувство - од една страна го привлекуваат вниманието кон прашањето на злоупотреба на жените во казнените институции, од друга сцените во кои е прикажана истата се снимани така за да предизвикаат воајерско задоволство.
Со овој стрип таа, заедно со илустраторката Валентина Де Ландо, се обидува да ги искористи истите концепти, но за сосема друга цел. И во него има женска голотија, но женските тела не се разубавувани, и немаат за цел да делуваат стимулативно. Повеќето од нив не се бели, иако со тоа авторката немала намера да инсинуира дека само обоените жени се жртви на какво и да е насилство или репресија. Една од нив, на пример, Пени Рол, е жена осудена за дела кои вклучуваат напад, бричење на главата и развратна дебелина, што значи дека не е осудена затоа што има прекумерна тежина, туку затоа што не се срами од неа.
Секој трет број на стрипот ќе биде илустриран од гостин-уметник и ќе раскажува како некој женски лик завршил во затвор и како се одвива нејзиниот живот таму. Но и покрај тоа што засега има излезено само едно издание од серијата, љубителите на стрипот веќе го прогласија за најдобриот наслов на годината, кој „ уште од корицата ве фаќа за кошула и ви се дере в лице на следните 24 страници".