Нејзиното име не е толку познато во книжевните кругови, нема добиено некои големи признанија, ниту пак е авторка на бестселери. Но Сузан Мишен имала пристоен број читатели кои уживале во нејзините љубовни романи. Тие биле шокирани кога во септември 2020 дознале - преку фејсбук пост од некој што се претставил како нејзина ќерка - дека таа се самоубила.
Почнале да се шират гласини околу можните причини, и едно објаснување било дека таа била жртва на онлајн малтретирање. Тоа кој точно го правел тоа и поради какви мотиви довело до бројни обвинувања и поделба помеѓу читателите. Во меѓувреме групата обожаватели верно ја одбележувала годишнината од нејзината смрт - две години по ред биле одржувани аукции на книги и собирање фондови во нејзина чест, а колеги-автори придонеле кон антологија на кратки раскази на тема „булинг“.
Но сето ова заврши минатата недела кога Мишен одеднаш се појави на социјалните медиуми, признавајќи дека нејзиното самоубиство било местенка. „Сигурно имате многу прашања. Забавата може да почне“, напишала таа. Нејзиното објаснување на целата работа е дека во овие две-три години работела со својот психијатар за да дојде до „подобро место“, каде повторно ќе може да пишува. Гласините за малтретирањето наводно биле точни, а единствен начин да се спаси, барем привремено од него, било да ја лажира својата смрт.
Ова сепак не е доволно за фановите, кои се чувствуваат не само изиграни, туку и финансиски оштетени. Дел од нив сега ќе ја тужат за финансиска измама, бидејќи парите што ги собирале оделе кај семејството. Но има и посериозни последици од парите, а тоа е дека кога ќе се случат вакви екстремни а лажни објави се нарушува довербата во онлајн групите за тоа што е вистина а што не е. Ова може да биде многу опасно кога некој бара помош а не ја добива бидејќи другите сметаат дека тој само се гребе за внимание.