Вежбачи, опуштете се

Пештерскиот човек никогаш не би одел на пилатес

Нова книга го отфрла популарниот мит дека вежбањето е нешто што природно им лежи на луѓето. Мала прелиминарна утеха за да ги поминеме празниците легачки.

Еден од најголемите митови околу намерното себемалтретирање со вежбање е дека тоа е „природно“. Многу добро знаеме дека основниот човечки инстинкт повеќе клони кон дремка, а така им било и на луѓето од сите времиња.

Еволутивниот биолог Даниел Е. Либерман во својата нова книга „Навежбани: зошто нешто за што не сме еволуирале е здраво и корисно“ ја анализира вината која многумина од нас ја чувствуваат - дека не живеат доволно здраво, и дека вежбањето има голема врска со тоа.

Авторот ги критикува луѓето кои тој ги нарекува „ексерцисти“ (игра на зборови со егзорцист - некој кој низ вежбање се обидува да го истера ѓаволот од себе), кои се фалат околу тоа колку се физички активни, директно или индиректно правејќи ги другите неприродно мрзливи. Оние кои користат ескалатор не се виновни, вели тој, туку едноставно го прават она за што еволуирале - штедат енергија само за она што е неопходно.

Спомнатата книга ќе излезе на 5 јануари, и таа сигурно ќе предизвика реакција од страна на фитнес индустријата. Но иако стереотипот за навежбаните луѓе како супериорни е толку длабоко вкоренет што е тешко да се разбие, доволно е да се замисли некој наш древен предок како крева камени тегови и врти статичен точак со тукушто измислени тркала, само за да биде „фит“. Луѓето со милениуми имале побитна работа од тоа намерно да вежбаат, имено - да преживеат во борба со предатори, природни катастрофи и бранејќи се едни од други. Тоа било реалниот и „природен“ фитнес кој им следувал, сакале или не. А и денес не е нешто поразлично, за оние кои се занимаваат со физичка работа, земјоделие, градежништво и сл., и кои по напорниот ден главно немаат „инстинкт“ да одат на дополнителен фитнес.

Ова не значи дека Либерман, кој има 56 години и предава на Харвард, не промовира физичка активност. Тој го популаризираше трчањето бос во САД, откако објави статија во списанието „Нејчр“ во кое опиша како и зошто луѓето трчале на ваков начин пред измислувањето на обувките (или и наспроти ова). Секоја активност е подобра од никаква активност, вели тој. Само без правење култ од крос-фитот, фитнесот, пилатесот и другите облици на истоштување, на кои нашите предци би искоментирале: „Абе земи тоа лопатата!“.

29 декември 2020 - 07:55