Осаменоста во детството е поврзана со деменција во староста?

Во новообјавена студија под наслов „Детската осаменост и когнитивното опаѓање кај средовечни и постари возрасни“, група истражувачи од областа на здравството и психијатријата тврдат дека осамените деца имаат поголем ризик да развијат проблеми со помнењето во староста. 

Група лекари од Австралија, Кина и САД пронашле докази дека последиците од осаменоста во раната возраст не се ограничени само на детството, туку можат да се појават и многу подоцна, дури и години по смртта на родителите.

Истражувачите истакнуваат дека осаменоста во детството е поврзана со побрз когнитивен пад и зголемен ризик од деменција во средната и подоцнежната возраст. Дури и ако осамено дете подоцна израсне во отворена и социјална личност, ризикот за когнитивни проблеми останува поголем во споредба со оние кои не се чувствувале осамено во детството.

Овие резултати се засноваат на кохортна студија со околу 13.500 учесници, спроведена од 2011 до 2018 година, користејќи податоци од Долгорочната студија за здравје и пензионирање во Кина.

Тимот нагласува дека, со оглед на недостигот од ефективни терапии за забавување на напредувањето на деменцијата, клучно е да се идентификуваат рани и променливи ризик фактори. Затоа препорачуваат интервенции уште во детството, со цел да се ублажат можните последици во зрелоста.

Заклучокот на научниците е јасен: осаменоста во детството може да биде самостоен ризик фактор за когнитивен пад и деменција во подоцнежниот живот. Во истражувањето учествувале научници од Универзитетот Капитал медикал во Пекинг, Универзитетот Ла Троб во Мелбурн, Медицинскиот факултет на Бостонскиот и Харвардскиот универзитет и др. 

извор

18 септември 2025 - 17:23