Во март еден од првите инвеститори во Амазон, успешниот бизнисмен oд Сиетл Ник Ханауер, одржа говор на TED University conference во кој образложи една интуитивно сосема прифатлива идеја - дека богатите луѓе како него би требало да плаќаат повеќе, а не помалку данок, затоа што вистинскиот креатор на работни места не се тие, туку средната класа.
„Неверојатно е колку една идеја може да влијае врз општеството и неговите политики. Онаа дека ако даноците на богатите се зголемат, бројот на работни места ќе се намали, има статус на канон за Републиканците, а е ретко критикувана од Демократите. Но понекогаш идеите за кои сме сигурни дека се вистинити се крајно погрешни. Исто како што со илјадници години луѓето мислеле дека Земјата е центар на универзумот" - вака почнува неговиот говор, кој потоа станува сè поостар и поубедлив.
Она од што зависи бројот на работни места всушнсот е економскиот „животен циклус" - повратната спрега помеѓу купувачите и бизнисите. Или едноставно кажано, ако продавате производ кој никој не го купува, вие - без оглед колку сте генерално богати - ќе морате да ги затворите работните места поврзани со него. Бидејќи најголемите потрошувачи се оние од средната класа, нивниот претставник на тој начин станува многу повлијателен елемент во создавањето и гасењето работни места отколку самиот капиталист. Да се мисли поинаку, да им се оддава признание на бизнисмените за создавање работни места, е како на верверичките да им се оддава признание затоа што ја создале еволуцијата.
Она што е битно од поширок, културолошки аспект, е начинот на кој го користиме јазикот и неговите метафори за оправдување на правичноста на постоечките социјални односи. На пример, вели Ханауер, мал е чекорот од нарекување некого „создавач на работни места", до негово сфаќање како „Создавачот". Изборот на ваквите термини не е случаен. Би било чесно да се признае дека кога некој се нарекува „создавач на работни места" притоа не мисли само на тоа како функционира економијата, туку и на сопствениот статус и привилегии.
Кураторот на ТЕД, Крис Андерсон, откако одби да го постави говорот на сајтот, предизвика сајбер-бура, по што тој беше објавен на повеќе други медиуми, и тоа со целосен транскрипт и слајдови. Неговото 'тенко' објаснување е дека говорот, иако се однесувал на актуелно прашање, бил премногу „партизански", односно бунтовен, герилски. Наш коментар - да, и?