Едно од делата вклучени во 14-тото издание на Биеналето на млади уметници во МСУ кое се отвори на 6 април е на Австриецот Мануел Този под наслов „Песни за романтична машина“. Тоа се состои од видео во траење од 33 минути и врамени песни напишани со мастило на хартија. Притоа, клучното прашање не е што велат песните, туку кој ги пишува.
Станува збор за дела напишани од алгоритам за машинско учење кое врз основа на книжевните дела од романтичниот период го имитира неговиот стил, ритамот и структурата. Но на оваа имитација се надоврзува втора - роботска рака со елегантни движења ги испишува песните на хартија користејќи налив-перо. Одбраниот курзивен фонт, но и повремените дамки и неспретни „чкртки“ кои ги прави роботот го засилуваат необичното чувство за вештачката интелигенција не само како генератор на стихови туку и за физички ентитет кои истите може да ги стави на хартија на начин на кој тоа би го направил човек - со рака.
Во придружната легенда се вели дека проектот ја преиспитува границата меѓу два света, оној ВО кој се раскажува и оној ОД кој се раскажува. Интересно е дека во 2022 песна генерирана од алгоритамот била отпечатена под човечки псевдоним во рубриката за поезија на весникот Фракфуртер Алгемајне Цајтунг, во која секоја сабота од 1974 се објавува песна избрана од поет, критичар или друга книжевна фигура. Таа си го нашла местото и во годишната антологија на овие песни кои се објавуваат во форма на книга.
Биеналната поставка ќе биде отворена во МСУ до 26 мај.