
Во светот функционираат два доминантни библиотечни системи - УДК (Универзална децимална класификација) и децималниот систем на Дјуи. Првиот е покарактеристичен за Европа, а се користи и во нашите библиотеки. Втората се однесува повеќе на англофонските земји и е класификација создадена уште во 1870-тите години, која не секогаш го одразува културниот контекст или вредностите на заедниците надвор од западниот свет. Токму затоа, тимот на библиотеката „Те Аве“ во Велингтон, Нов Зеланд, предводен од каталогизаторката Бриџет Џенингс, започнал да развива алтернативен пристап базиран на „Те ао Маори“ – маорскиот светоглед.
Новиот систем на класификација ги групира книгите според маорските божества (атуа), каде секое божество претставува различна сфера на знаење и живот. На пример, Тангароа, богот на морињата и уметноста, ја обединува литературата за резбарство, дрводелство, како и книги за океани, реки, риби и морски суштества. Ронгоматане, поврзан со земјоделството и мирот, е категорија за книги за градинарство, кулинарски вештини и разрешување конфликти. Овие класификациски решенија ја задржуваат поврзаноста меѓу темите што се органски поврзани во маорската мисла – нешто што би се изгубило во стандардните западни системи.
Сепак, овој систем не е наменет само за оние кои веќе се запознаени со маорската култура. Напротив, тој нуди уникатна можност за останатите посетители да научат за светогледот, вредностите и културната поврзаност што маорскиот народ ја негувал со векови.
Во неговото создавање учествувале маорски библиотекари и културни експерти. Иако проектот сè уште е во пилот-фаза, надежта на тимот е дека ваквиот пристап ќе биде усвоен пошироко, не само во Велингтон, туку и во другите библиотеки низ Нов Зеланд. Тој ја одразува идејата дека библиотеките не се само складишта за книги – тие треба да бидат живи простори што го одразуваат знаењето, историјата и идентитетот на заедницата.