Напишана под името Моуз Велсор, познат псевдоним на Витман, серијата од 13 тематски целини била објавена во списанието Њујорк Атлас во 1858, и содржи 50,000 зборови. Захари Турпин од Универзитетот во Хјустон налетал на неа додека ги пребарувал дигиталните архиви, истражувајќи ги различните псевдоними на Витман. Притоа наишол на само една ставка за „Моуз Велсор", спомната во реклама објавена во Њујорк Трибјун, во која само се најавува скорешното објавување на споменатите текстови. Турпин така го пронашол микрофилмот од Атлас, а со тоа и објавената серија.
„Кога почнав да истражувам воопшто не знаев што ќе најдам. Долго време во академските кругови се знае дека помеѓу купот негови белешки и необјавени материјали Витман оставил и труд за машко здравје. Но дали тој бил објавен или не, тоа никој не го знаеше до сега. Ми требаше едно деноноќие за да сфатам што е тоа што го пронајдов: загубена книга, и тоа мошне необична, напишана од самиот Волт Витман", изјавил тој.
Целиот текст сега е достапен за бесплатно симнување на сајтот на списанието Walt Whitman Quarterly Review. Уредникот Ед Фолсом, професор на Универзитетот во Ајова, во воведот пишува дека текстот претставува есеј за машката убавина, шовинистички трактат, еугенички манифест, опис на њујоршкиот секојдневен живот, псевдонаучен есеј, и сето тоа во едно.
„Читателите треба да се подготват за еден типично автоконтрадикторен Витман - неговите ставови варираат од визионерски до реакционерни, од здраворазумски до нелогични, егалитарни до расистички, пацифистички до такви кои повикуваат на пролевање крв", вели тој.
„Чувајте си ја машката моќ, здравјето и силата, од секакви повреди и нарушувања", вели Витман во еден од текстовите. „Ти се обраќам на тебе, службенику, писателу, човеку што седиш, богаташу, мрзоволнику, за сите вас го имам истиот совет. На нозе! Светот (на којшто во моментов веројатно гледате со згаснати и ужаснати очи) е полн со страст и убавина, доколку му пристапите со вистинскиот дух. Ајде, излегувајте уште од рано наутро!"
Културата на самопомош можеби изгледа како релативно нов концепт, но овие текстови докажуваат дека ваквите елементи на западната култура се многу постари отколу што изгледаат. Ако Витман (на сликата горе со неговите пријатели на риболов) пишувал на овој начин во 1858, тој секако не бил прв. Денешните водичи за здрав живот сепак би имале куп забелешки на неговите совети, на пример во врска со исклучувањето на речиси сè од дневното мени освен на месото.
„Девет десетини од сите разновидни кулинарски специјалитети и комбинации, зеленчук, тестенини, супи, слатки, салати, пржени нешта и целиот тој куп креми, пити и желеа треба да се тргнат на страна од секојдневната трпеза, а на нивно место да се стави едноставна исхрана со месо - резултатот ќе биде во огромна мерка во корист на благородното тело, на чистата крв и на супериорната раса која ја имаме предвид во овие наши статии".
Постите завршуваат на полноќ, ама па не претерувајте.
Извор: Гардијан