Новата концепција на гимназиско образование - како да направиш едно големо НИШТО

Ова е којзнае која по ред реформа на начинот на кој нашите деца институционално се стекнуваат со знаења и вештини потребни да бидат „изведени на пат“, што значи не и оставени на првата приградска тумба, без знаење за страните на светот и животот вон Тикток и Инстаграм. 

Со интерес ги следиме реакциите на поединци, еснафски здруженија, гимназиски и универзитетски професори и цели катедри во однос на новата Концепција за гимназиско образование. Ова е којзнае која по ред реформа на начинот на кој нашите деца институционално се стекнуваат со знаења и вештини потребни да бидат „изведени на пат“, што значи не и оставени на првата приградска тумба, без знаење за страните на светот и животот вон Тикток и Инстаграм. 

А според 44-те страници од спомнатата Концепција, патем напишана со несоодветен македонски фонт (кој содржи „обратни“ т и д), а особено според реакциите на оние што навистина ја прочитале и се директно засегнати од нејзините последици, ризикот ова да се случи е многу голем. Зошто? 

ГЕНЕРАЛНА ПРОМЕНА (на полошо)

Според предложената Концепција, би се напуштило досегашното гимназиско насочување кое започнува од трета година (природно-математичко, општествено-хуманистичко, јазично-уметничко), а би се вовеле предмети во две категории од кои ученикот би можел самостојно да креира свој „пакет“. 

Не мора да сте професор или родител на тинејџер за да знаете што ќе следи. Учениците ќе ги бираат најлесните предмети. И да има заинтересирани за оние другите, бидејќи тие ученици ќе бидат во малцинство, група по тие предмети нема да се формира. Доколку наставниците пак зависат од бројот на часови, секој ќе се труди да го зграпчи „атрактивниот“ (лесниот) предмет или да стане рекламен агент за својот (три за сто-три за сто). Последователно, критериумите и за потешките предмети ќе мора да се олабават, а „строгите“ професори да станат по-не-строги. На крајот, тешејќи се дека со лесно го поминале своето гимназиско образование, овие генерации професионално, дури ни како потенцијал, нема да бидат НИШТО. 

ПОЕДИНОСТИ - ПО ПРЕДМЕТИ

Први кои реагираа беа професорите по филозофија, логика и етика. Затоа што етиката и логиката како предмети се укинуваат, а филозофијата, наместо задолжителен предмет во четврта година, би станала изборен. 

Отворено писмо од група гимназиски професори по филозофија, логика и етика - Да не дозволиме да создадеме генерации кои иако будни, ќе изгледа како да спијат!

Мислење на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет

Реакција на професорот Ристо Чулев од гимназијата „Ѓорги Димитров“

проф. д-р Дејан Донев - „Писмо до познато другарче“

Реагираат од Факултетот за ликовна уметност - „Колку што е важен спортот (во сите 4 години со 2 часа неделно) за развивање на телото, еднакво се важни и уметностите (по ново со 1 час неделно од прва до трета)

И покрај тоа што на прв поглед делува дека новата Концепција ги фаворизира природните науки, само еден поглед на таблицата со задолжителни и изборни предмети (види погоре) укажува на тоа колку е веројатно дека тие не би биле бирани, кога би биле изборни во трета и четврта.

Ако во прва и втора математика, биологија, физика, хемија и географија се по два часа неделно како задолжителни, во трета и четврта како изборни се застапени со по 4 часа неделно, што е голем скок и оптоварување за оној што самиот би сакал да се профилира како иден природонаучник (и математичар) и би ги зел сите истовремено. Прашање е и колку такви ученици би имало и дали воопшто би било можно формирање на вакви групи (колку матуранти бираат математика за матура?). Истовремено, трпи интердисциплинарноста и нешто што се нарекува „општа култура“, а која подразбира познавања од различни области. Иронично, ТОКМУ СПОРЕД ОВАА ПРОГРАМА интердисциплинарното е едно од клучните знаења, заедно со „епистемичкото“ и „процедурното“ (што и да значи тоа). 

Реакцијата на Друштвото на физичарите

Реакција на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет

До МОН свои критички согледувања и генерален став ПРОТИВ испратиле и Институтите за биологија, физика и хемија при Природно-математичкиот факултет.  Сигурно и уште некои други кои ги пропуштивме. 

ЗА оваа концепција засега се:

Претседателот на Сојузот на средношколци: Ова е добар концепт, како американски.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која тврди: ова е само нацрт; ниту еден наставник нема да загуби работа; концептот на гимназиско образование не е менуван 24 години (а зошто па да се менува ако е добар) и дека - „со укинување етика и логика нема да се спречи критичко мислење кај децата, бидејќи тоа се развива со МАТЕМАТИКА И ФИЗИКА“.

На пример со критички став кон гравитација. 

30 јануари 2025 - 18:40