Нова книга на Дилан: „Филозофија на модерната песна“

Mу дадоа Нобел за книжевност, но Дилан нема напишано книга од 2004, кога излезе првиот дел на мемоарот „Хроники“. Сега, наместо вториот дел кој одамна се очекува, тој најави книга на навидум поинаква тема.

Новата книга на Дилан е со наслов „Филозофија на модерната песна“, а се очекува да излезе на 8 ноември во издание на Сајмон и Шустер. Засега се знае дека таа главно ќе се фокусира на музика на други изведувачи, и дека вклучува повеќе од 60 есеи кои Дилан ги напишал за Хенк Вилијамс, Нина Симон, Елвис Костело и други. 

Според најавата на издавачот, Дилан го анализира она што самиот го нарекува „стапица“ на лесни рими, образложува како додавањето на еден слог може да ја уназади песната, па дури и тоа како жанрот „блуграс“ е поврзан со металот. Освен есеи, книгата содржи и 150 фотографии.

Издавачот открива дека есеите се напишани во специфичниот стил на Дилан - таинствени, темпераментни, длабоки, а често и многу духовити. Иако на прв поглед се посветени исклучиво на музиката, тие се всушност медитации и промислувања за човечката состојба. 

Дилан почнал да ја пишува книгата во 2010. Таа ќе биде негова прва по „Хроники“ од 2004, која 50 недели се наоѓаше на листата бестселери на Њујорк Тајмс.

Со издавањето на албумот “Rough and Rowdy Ways“ во 2020, тој стана првиот уметник кому барем еден албум му завршил на Билбордовата листа на топ 40 песни во секоја деценија од 1960-тите. Помеѓу другото, „Филозофија на модерната песна“ содржи и многу нешта кои Дилан ги научил за својот занает во текот на сите овие години. 

извор

19 април 2022 - 17:51