Нова книга на Дејвид Брн - „Историја на светот во вињети“

Книжарите и критичарите имаат проблем да ја категоризираат оваа книга, која е комбинација на зборови и цртежи, за човечките вистини кои се разоткрија особено за време на глобалната пандемија, која стана споделено искуство на нашиот животен век.

Иако во насловот го носи предзнакот „историја“, новата книга на Дејвид Брн „Историја на светот во орнаменти“ е всушност визија за еден нов свет, на нагласена солидарност и истражување на возможното, визија на животот кој не е само ресетиран после пандемијата, туку и ревитализиран и рекалибриран - живот кој е малку по...жив.

Орнаментите за којшто станува збор се наречени „дингбати“ или печатарски орнаменти, а нивното име доаѓа од „динкус“ - разделник на пасуси и поглавја. Цртежите се на самиот Брн, а дизајнот на книгата на Алекс Калман. Преку користење на вакви техники Брн ги нагласува идеите во книгата.

На пример во првото поглавје насловено „Заспаната убавина“, тој вели: „Низ историјата, некои идеи, врски, перспективи и технологии се појавиле но потоа подзаспале. Брилијантни пронајдоци, приказни и техники можат да исчезнат од нашиот вид, понекогаш и долги периоди, да хибернираат додека некој не ги разбуди“.

Ова важи како за физички предмети, така и за идеи. Некои се „познати непознати“, како исчезнатите дела на Аристотел или Шекспир - знаеме дека постојат но се загубени. Други се „непознати непознати“ - дела и идеи кои се толку невидливи за нас што сме заборавиле дека постојат. Како што навлегуваме во нов свет можеби конечно ќе ги симнеме превезите и ќе ги видиме насекаде околу нас.

Цртежите пак се споредуваат со помалку познатите кроки-дела на американскиот поет Е. Е. Камингс. На Брн му тргнало со нив во текот на пандемијата, за да ги изрази „мислите за своето тело, менталната состојба, приоритетите и вредностите, домашната рутина и светот вон куќата или станот“, за она што е вистински важно. Забележал дека цртежите се групираат во категории на мисли и чувства. Така тие почнале да формираат дневник на деновите поминати во интроспекција и креативна осама. 

„Историјата на светот се приказните кои си ги кажуваме. Иако постојаноста на пишувањето го има забавено процесот, овие приказни не се фиксирани. Тие постојано се ревидираат и се менуваат. Историјата не е она што се случило, туку она за што се согласуваме дека се случило - моделирано од нашите предрасуди и интереси“, вели Брн. 

4 мај 2022 - 07:45