„Блуз за Лејди Деј: приказната за Били“ излезе на 15 мај, и е посветена на турбулентниот живот и музичката кариера на легендата Били Холидеј. Детството поминато во сиромаштија, борделите, затворите, несреќните љубовни врски, зависноста од алкохол и хероин, се дел од приказната, за вокалот кој изврши огромно влијание врз џезот.
Опфатените биографски фрагменти се токму такви - кратки и недетални, но успеваат да ги покријат и нејзините соработки со Лестер Јанг, Луис Армстронг, Каунт Бејзи и Арти Шо. Стилот на Париси како писател е да биде концизен во текстот, за сликите да ја раскажат главната приказна. Неговата одлука да пишува за трагични фигури како Баскијат и Холидеј веројатно не е случајна, бидејќи нивните животи содржат вградени драматики, полни триумфи и падови.
Ова додуша не е прва графичка новела посветена на Холидеј. Во 2017 излезе „Били Холидеј“ на Карлос Сампајо (автор) и Хозе Муњоз (илустратор), обајцата од Аргентина. Графичките новели можеби не се замена за „асални“ биографии, но секако се одлични за добивање поинаква слика за оние чии песни ги слушаме по прв или (поверојатно) по милионити пат.