„Сите среќни семејства си личат едни на други, сите несреќни семејства се несреќни на свој начин" - ова е почетокот на славниот роман на Толстој, кој досега има доживеано (колку што избројавме) дури 13 филмски адаптации, меѓу кои и оние со Грета Гарбо, Вивиен Ли, Жаклин Бизе, како и една египетска (!) верзија.
И оваа најновата ја раскажува добро познатата приказна за убавата Ана и нејзината трагична љубов со коњаничкиот офицер Алексеј Кирилович Вронски. Иако не очекуваме некое револуционерно ново читање на текстот, екипата зад филмот е интересна: Џо Рајт како режисер (Atonement), познатиот Том Стопард како сценарист (Shakespeare in Love), Арон Џонсон (Dead Cool, Albert Nobbs) како Вронски, Џад Ло и Емили Вотсон. Покрај другите филмски адаптации на познати книжевни дела кои се најавени за оваа година (Големиот Гетсби, Животот на Пи, Големите очекувања) и оваа ја очекуваме со нетрпение.