Стив Бенон, креатор на победничката кампања на Трамп, некогашен сопственик на контроверзната медиумска империја Брајтберт њуз и бизнис посредник во холивудски договори (види претходно тука). Во 2017 се појави на насловната на Тајм, а весникот го нарече „Големиот манипулатор“ и „Втор најмоќен човек во Белата куќа“. Во текот на краткиот период во администрацијата на Трамп (само седум месеци) беше вклучен, меѓу другото, во создавањето на Извршната наредба 13769, која резултираше со ограничен влез во САД на граѓани од седум земји.
И ова е само мал дел од она што го направи Бенон за да разгневи голем дел од американската јавност во последниве години. Оттаму, реакциите по соопштението дека тој ќе настапи на познатиот Фестивал на идеи на Њујоркер во октомври не беа неочекувани. Но нивната жестина сепак го изненадија уредникот на списанието, Дејвид Ремник, чија покана упатена кон Бенон имала за цел да поттикне „одговори на тешки прашања“, кои во обично интервју тој би можел да ги одбегне, или да зборува неофицијално, на пример за неговите десничарски ставови и врските со белите националисти.
Прва на најавата регираше новинарката на Њујоркер, добитничката на Пулицер, Кетрин Шулц, која твитна. „Многу сакам да работам за Њујоркер, но премногу сум згрозена од ова. Веќе му кажав на Ремник, а и вие може да го сторите тоа“, приложувајќи го службениот мејл на нејзиниот уредник.Следеа откажувања на неколкумина кои беа најавени како гости на 19-тиот фестивал, кој ќе се одржи од 5-7 октомври, меѓу кои Џим Кери и Џуд Апатоу.
Еден од ретките кои ја поддржаа идејата беше Малком Гладвел, исто така редовен соработник на Њујоркер, кој напиша:
„Наречете ме старомоден. Но мислев дека поентата на фестивалот на идеи е да ги изложи присутните на идеи. Ако само си ги викнете другарите, тоа се вика вечера“.
Ова предизвика бура од критики:
You should host a Malcolm Gladwell Festival of Ideas with topics like How To Make a White Supremacist Feel Welcome, Are Serial Killers Actually Good?, and Why Do People Continue to Give Malcom Gladwell Obscene Amounts of Money? https://t.co/T9KRZ82yuU
— Paul Constant (@paulconstant) September 4, 2018
Резултат на сето ова е што поканата е повлечена, и бурата спласна. Но останува прашањето - дали Гладвел е во право? Или давањето медиумски и друг простор на (за некого) вознемирувачки идеи не е баш добра идеја?