Во годината кога низ светот се одбележуваат исто толку години од раѓањето на Вагнер и Верди, во Црна Гора се одбележаа 200 години од раѓањето на авторот на славниот „Горски венец". По тој повод е одржан концерт на плоштадот пред катедралата св. Трипун. Присутни: министрите за култура на Црна Гора, на Хрватска и на кантонот Сараево, Ивица Шариќ, кој како професионален оперски пејач-бас пееше во ораторското дело на српскиот композитор Рајко Максимовиќ, кое беше премиерно изведено по овој повод.
Кулминација на вечерта - вториот концерт за клавир и оркестар на Шопен, во изведба на генијалниот Иво Погорелиќ, кој и изгледа, a и свири, како да не е од овој свет. Диригент со црногорскиот симфониски оркестар - македонскиот маестро Борјан Цанев! И ова никако немаше да го знаеме да не го прочитавме во Вечерњи лист, бидејќи во македонските медиуми нема ништо на оваа тема.
Не мора да сте премногу упатени во класичната музика за да знаете колку е избирлив Погорелиќ кога станува збор за неговите настапи, и колкава чест е да се диригира дело во негова изведба. Му честитаме на Цанев на одличните критики, и во отсуство на снимка од настанот ви ја нудиме изведбата на истиот концерт на Погорелиќ со Чикашкиот симфониски оркестар од 1983. Со само еден збор: ларгетото.