
фото: Epa Images
Кејв поминал неколку години живеејќи со семејството во Брајтон, пред да се пресели во Лос Анџелес по смртта на неговиот син Артур во несреќен случај во 2015 година. Неодамна тој донираше 2000 книги од личната збирка на книжарница на Оксфам во овој регион, кои беа дел од уметничка инсталација која најпрвин се појави во документарецот „20.000 денови на Земјата“, а потоа гостуваше во Данска и Канада заедно со други артефакти.
Заменичката управителка на книжарницата на Оксфам, Маги Реа, изјавила дека реакцијата на донацијата била „апсолутно луда“. Обожаватели допатувале и од други градови само за да купат некоја од неговите стари книги, помеѓу кои има и такви кои содржат и рачни белешки од Кејв.
„Бевме преплавени – вистинскиот феномен Ник Кејв слета во Хоув“, изјавила таа Маги. „На некои книги имаше мали забелешки – најдовме и авионски билети, разгледници и други нешта – мислам дека за луѓето е многу посебно да имаат нешто што му припаѓало токму нему.“
Според неа, обработката на донацијата ќе трае „извесно време“ поради нејзината големина, но веќе донела „фантастични“ резултати, тројно зголемувајќи ја заработката на продавницата.
Книгите биле од различни жанрови, филозофија, уметност, религија, а од застапените автори ги има Салман Ружди, Кристофер Хиченс, книга со рецепти со афродизијаци и прво издание на романот на Џони Кеш, „Човекот во бело“. Помеѓу предметите кои се нашле помеѓу кориците имало празна кутија од цигари и бординг пас за лет на Кејв во Амстердам. Некои од книгите му биле подарени, како „Полковникот од Инишмор“ со посвета од ирскиот драмски автор Мартин МекДона.