30-годишната композиторка, виолинистка и вокалистка Керолин Шо е најмладиот добитник на Пулицер во оваа категорија, од воведувањето на наградата за музика во 1943, а истовремено е една од ретките жени кои ја добиле. Таа за малку паднала во несвест кога нејзин пријател ѝ јавил за големото признание додека шетала во парк, а кое го добила за нејзината „Партита за 8 гласа", снимена со дебитантската вокална група Roomful of Teeth, чиј член е и самата.
Делото има четири става и е градено врз основа на барокни танцови форми (allemande, sarabande, courante и passacaglia). Жирото го опишала како „избрусено и инвентивно", а тоа вклучува не само пеење, туку и говор, шепоти, воздишки, мрморења, мелодии без зборови и вокални ефекти кои се оценети како новитет.
Шо почнала да свири виолина кога имала 2 години, а нејзиниот репертоар, во смисла на свирење но и на компонирање вклучува не само класични дела туку и преработки на стари 'блу грас" и госпел песни. Сепак, нејзина најголема инспирација е Бах, кој според неа ги апстрахира, токму како и неа, барокните танци. Сега со наградата таа се надева дека ќе привлече кореограф кој би ја поставил Партита на сцена и на овој начин.