Две антрополошки организации од САД и од Канада, кои заеднички организираат конференција која се одржува оваа есен во Торонто, тргнаа од програмата панел презентација под наслов „Да зборуваме за секс, бејби: зошто биолошкиот пол останува неопходна аналитичка категорија во антропологијата?“. Панелот беше вклучен во заедничкото годишно собрание на Американската антрополошка асоцијација (познатата ААА) и Канадското друштво за антропологија (CASCA).
Претседателките на ААА и CASCA соопштиле дека извршните одбори на двете групи го разгледале поднесокот „на барање на бројни членови“ и одлучиле да го отстранат од конференциската програма.
„Одлуката се засноваше на детална консултација и беше постигната во духот на почитувањето на нашите вредности, безбедноста и достоинството на нашите членови и на научниот интегритет на програмата. Причината зошто сесијата заслужуваше ваков пристап е што идеите презентирани во нејзини рамки можеа да им наштетат на членовите претставени од транс и LGTBQI на антрополошката заедница и заедницата во целина“ - се вели во соопштението.
Организаторка на спорниот панел е проф. Кетлин Лоури од Универзитетот во Алберта, која смета дека одлуката е шокантна. Во нејзино отворено писмо таа вели дека таа и нејзините соработници воопшто не биле повикани на разговор за да ги изложат своите аргументи, туку организаторите само ги информирале за одлуката.
„Вашата сугестија дека нашиот панел некако би го компромитирал научниот интегритет на програмата ни звучи неверојатно, бидејќи одлуката тој да се анатемизира делува точно како анти-научна реакција поттикната од политизирана лоби кампања. Доколу на нашиот панел му беше дозволено да се одржи, ве уверуваме дека една дискусија во живо ќе беше добредојдена од панелистите, па дури веројатно ќе нè вклучеше и самите нас, бидејќи нашите политички ставови се различни“, напиша Лоури, додавајќи дека до сега не се случило спомнатите организации да отстранат панел од каков и да е собир.
Ова е уште едно вознемирувачко предупредување за тоа дека во академските кругови почнува (односно веќе подолго време трае, иако можеби позатскриено) да се формираат тематски области во кои не смее да се изрази каков и да е сомнеж или спротивставено мислење. Тоа е катастрофа за општествените и хуманистичките науки, кои како и сите други научни дисциплини растат и се развиваат спротивставувајќи мислења и ставови, а не потиснувајќи ги.