Мајкл Кејн на 90 години врти нова страница, обидувајќи се да се покаже и на полето на книжевноста. Неговиот дебитантски роман, „Смртоносна игра“ ќе биде објавен во Британија и САД во ноември оваа година.
Кејн изјавил дека долго време имал желба да напише трилер но конечно бил поттикнат да го стори тоа кога прочитал вест дека во лондонскиот Ист Енд работници на отпад пронашле ураниум. Главниот лик во книгата, детективот Хери Тејлор, е повикан токму кога е најден таков пакет, кој мистериозно е оставен на локација во источен Лондон и украден пред пристигнувањето на полицијата. Како што безбедносните агенции низ светот почнуваат да ги палат црвените светла, така Хари и неговиот мал полициски тим мора што побрзо да го пронајде оној кој го има нуклеарниот материјал и да го спречи во неговите намери.
Клучните осомничени се британски аристократски дилер со уметнички дела, мега-богатиот Русин Владимир Волдрев, британски неонацисти и колумбиски нарко картели. Останува да видиме како Хари ќе се справи со сите овие „зликовци“.
Славниот актер го напишал романот во текот на пандемијата а работниот наслов бил и симболичен - „Ако не сакаш да умреш“. Ова според него е резултат на неговата опседнатост со жанрот трилери. „Јас сум авантурист, не сум книжевник, па немам намера да бидам втор Шекспир“, изјавил тој скромно.
Кејн во својата актерска кариера се има појавено во над 130 филмови, а има добиено Оскар за споредна улога во „Хана и нејзините сестри“ и „Правилата на Сајдер хаус“. Самиот потекнува од југоистоен Лондон и шест пати до сега има играно лик по име Хари.