Во 2018 година, јапонскиот арт-директор и фотограф Мотохиро Хисано дошол до необична идеја: ќе основа религија и самиот ќе се прогласи за нејзин бог. Не затоа што имал божествени способности или желба да ги спасува душите, туку затоа што сакал да им помогне на луѓето да се ослободат од обврските што не ги сакаат. Така настанала MtoP, кратенка од Motohiro to People (или по наше МЗЛ, Мотохиро за луѓето). Хисано отворено признава дека не може да прави чуда, да исполнува желби или да лекува болести. Не бара ниту поклонување ниту финансиски прилози. Неговата единствена натприродна моќ е на следбениците да им подари нешто многу попрактично: право да одбијат нешто „од религиозни причини“.
Религијата има и свое учење, кое повеќе наликува на прирачник за лични граници отколку на традиционален свет текст. Една од основните заповеди гласи дека трошењето време на работи што не сакаме да ги правиме е „дело на ѓаволот“. Оттука, верниците треба да одбиваат непотребна прекувремена работа, да го користат целиот платен одмор, да не се откажуваат од родителското отсуство и да не дозволуваат работата да им го преземе приватниот живот. Во пошироката верзија на учењето се опфатени и ситуации како несакани службени забави, непријатни социјални обврски, притисоци за купување или позајмување пари и други барања на кои човекот тешко му кажува „не“.
Иако звучи како интернет-шега, МЗЛ има прилично јасна општествена мета – јапонската работна култура, позната по долгото работно време, силната хиерархија и очекувањето вработените да покажуваат лојалност и надвор од договорените обврски. Во Јапонија постои и терминот „кароши“, кој означува смрт предизвикана од прекумерна работа. Во таков контекст, одбивањето дополнителна работа или заминувањето навреме од канцеларија не секогаш е едноставна лична одлука: може да се доживее како недостиг од посветеност кон колективот.
Хисано ја искористил токму оваа противречност. Ако религиозните убедувања се прифаќаат како легитимна причина за одредени одлуки, зошто човек што не припаѓа на традиционална религија да нема слична можност да ги заштити сопственото време и приватност? Се разбира, МЗЛ не создава автоматско законско право на отсуство од работа, туку ја користи формулацијата „од религиозни причини“ како духовит начин да ја доведе во прашање општествената потреба секогаш да се оправдуваме.
Како инспирација за проектот послужила и познатата Црква на Летечкото шпагети-чудовиште (или пастафаријанството - за ова види претходно тука), пародична религија основана во САД во 2005 година, првично како критика на обидите креационизмот да се предава како научна теорија. И двете движења ги преземаат формите и јазикот на религијата за да ги преиспитаат нејзиниот авторитет, општествената улога и границите на она што го сметаме за верување. Истражувачите на современите религиски феномени ги нарекуваат ваквите појави „измислени религии“ – движења што свесно создаваат верувања, правила и симболи, понекогаш без воопшто да претендираат на натприродна вистина. Во случајот на МЗЛ, религијата функционира и како медиумска уметност и како форма на социјален експеримент: нејзината цел не е да одговори што се случува по смртта, туку како да си го зачуваме животот додека сме тука.