Музеј на промашени подароци - од керамички кловнови до исечени мачешки нокти

Презентирани како уметнички дела, необичните предмети се закачени на ѕидот на галерија во Торонто. Тие се добиени на јавен повик од нивните сопственици, а ја испитуваат дефиницијата на тоа што е „лош“ или „промашен“ подарок.

Разнородна збирка на необични и „промашени“ подароци е изложена во мала галерија во Канада. Сите тие еднаш биле подарени но нивните добитници ги сметаат за непотребни или навредливи, секој од свои причини.

Инсталацијата во „Нордерн контемпорари галери“ во Торонто, која ќе трае една недела почнувајќи од денес, 3 јануари, вклучува врамен фрагмент од храна за мачки, украдена хотелска бањарка, бокал направен од кравјо копито и ЦД со „Мапет календар“.

Промашените подароци се универзално искуство. Секаде низ светот луѓето ги добиваат затоа што оној што им ги подарува тоа го прави или без доволно да ги познава, или колку само да ја исполни социјалната обврска на дарување во време на празници или прослави. 

Пред отворањето на изложбата, галеријата објавила јавен повик за донирање на подароци, објаснувајќи дека дефиницијата на тоа што е „лош подарок“ е комплетно субјективна и дека „сите лоши подароци треба да бидат славени еднакво“. 

Секако, некои од луѓето што се јавиле имале морална дилема дали е во ред да го изложуваат нештото кое можеби им било подарено со најдобра намера и што ако дарителот си го препознае на изложбата? Но шоуто не е замислено како критика на дарителите, туку повеќе се фокусира на обврската на давањето и примањето дарови, како и на потрошувачката треска која владее особено за време на новогодишните празници, кога сакајќи да се отарасиме од обврската понекогаш сме непромислени во поглед на изборот на подарок. 

Така, една од учесничките донирала книга што ја добила на подарок за роденден, со наслов „Соло готвач“. Поднасловот е „за вдовици и неодамна разведени татковци“, а таа полнела 29 години. Некои од подароците се толку лоши што се добри - како торбичка со исечени мачешки нокти, зад кој веројатно има некаква приказна.

Сите предмети ќе бидат ставени на аукција, а парите ќе одат за хуманитарни цели. 

3 јануари 2025 - 18:02