Музичкото движење кое кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите кое го зафати светот имаше свои јаки филијали во неколку градови на тогашна Југославија. Новоотворен музеј во Загреб се занимава со тамошните претставници, Азра, Хаустор, Филм, Прљаво казалиште и уште петнаесетина познати и помалку познати загрепски бендови кои го сочинуваа ’рбетот на Новиот бран.
Фотографии, албуми, делови од облека на тогашните ѕвезди - шешир на Даворин Боговиќ од спот на Прљаво казалиште, комбинизон во кој многу пати настапувал Рундек од Хаустор, оригинална крпа со која на настапите се бришел Џони од Азра (кој додуша со индигнација негира дека таа и другите предмети се негови), но и младински печат од тоа време, спомени на алтернативниот театар и дизајн.
Просторот го осмислил академскиот вајар и сценограф Давор Антолиќ Антас, и самиот - како еден од првите рокабили во градот - учесник во тие времиња. Неговата замисла била музејот да изгледа како клуб, а поставката да не е класична, туку „панкерска“, таква која ќе инспирира некои нови девојки и дечки да основаат бендови и да „фураат свој фазон“.
Основач на музејот е ТВ и филмскиот продуцент Александар Чрчек, кој конечно се одлучил да ја оствари својата долгогодишна замисла откако го посетил музејот на Рамоунси во Берлин. Изненадување за него било што првите што го посетиле музејот биле млади луѓе, кои се уште ја слушаат истата музика.
Во музејот ќе се организираат промоции, свирки, дебати. Целта е тој да ги вклучи и другите градови и бендови, од Белград, Љубљана, Ријека. Се наоѓа на улица Влашка број 67, а пред него стои стар „стојадин“, кој истовремено служи и како шанкче.