Изложбата се отвори на 30 март со концерт во Филхармонијата на еден од некогашните членови, Џон Кејл, како и други гости музичари, меѓу кои Марк Ланеган и Пит Доерти, кои главно изведуваа песни од антологискиот албум The Velvet Underground & Nico, оној со бананата на Ворхол на корицата. Придружните настани поврзани со изложбата вклучуваат симпозиум, музички работилници и прикажување на филмови и видеа.
Наместо да се обидува да следи некаква детална хронологија на појавата и развојот на бендот, изложбата се фокусира на контекстот кој овозможил тој воопшто да постои: Њујорк и неговите уметници, филмаџии и музичари во средината на 1960-тите.
„Без Њујорк Велвет немаше да постои", изјавил Кристијан Ферве, главниот куратор на изложбата. „Тоа е единственото место каде толку различни луѓе како Лу Рид и Џон Кејл воопшто можеле да се сретнат."
Ферве, во тек на неколку години колку што ја подготвувал изложбата, барал луѓе кои познавале членови на Велвет Андерграунд и ги интервјуирал во врска со Њујорк онаков каков што бил во тој период. Еден од неговите извори бил Џерард Маланга, американски поет и фотограф кој бил асистент на Ворхол. Тој отстапил голем дел од неговиот архивски материјал, но и му овозможил контакти со други релевантни соговорници.
Изложбата започнува со објаснување на околностите во кои се сретнале Рид, Американец, и Кејл, по потекло од Велс, родени со една недела разлика на различни страни на Атлантикот. Филм направен за оваа прилика ги претставува нивните паралелни биографии: психичките проблеми на Рид и електро-шоковите на кои бил подложен како тинејџер, и успешните почетоци на Кејл во класичната музика, најпрвин во Лондон, а потоа и во Њујорк, каде се сретнал со Рид.
Таа вклучува и фотографии на личности важни за историјата на бендот, како и документарни снимки што се проектираат на платна закачени на ѕидовите. Под проектираните слики се поставени душеци за посетителите да лежат и да ги гледаат, додека ја слушаат музиката на Велвет. Ние ќе си ја слушаме дур лежиме на сопствениот душек, и ќе замислуваме дека сме во Париз и дека е недела сабајле.