4,000 метални фиоки со новински исечоци, 5-6 милиони фотографии и контакти, каталог со картички напишани на машина за куцање и поправани на рака - тоа е содржината на архивот на Њујорк Тајмс, која ја одржува Џеф Рот. Во време на масовна дигитализација, местото навистина делува како древна мртовечница, на информации, хартии и идеи.
Во просториите нема прозорци ниту природна светлина - се' е флуоресцентно, а времето како да запира кога ќе почнете да копате по рафтовите. Рот, кој е дотеран како да е од друга епоха - со педантно исчешлана коса, морнарско сино одело и марамче во џебот - вели дека местото е всушност полно со живот. Така помислила и Дарси Евели, фото уредник во Њујорк Тајмс, која минала голем број паузи, и останувала по работа за да чепка низ архивата. Резултатот е тамблерот LivelyMorgue каде се објавени голем број од фотографиите кои дотогаш чмаеле во подрумот - може и да си купите копија од некоја од нив, за околу 170 долари.
Кога почнал да работи, пред 20 години, Рот во подрумот имал 12 асистенти и 8 хонорарни соработници. Денес тој е таму сам, со складираните документи за едно време, кое полека но сигурно исчезнува. „Не смеам да бидам преемотивен во врска со ова", изјавил тој, „затоа што уште утре може да го снема“. Не само што ќе ги снема ваквите архиви, туку ќе ги снема и луѓето како него, посветени библиотекари кои прават сè, од толкување на децималната класификација на Дјуи, поправање на фиоките, метење на подот, ставање борова киселина околу досиеата против инсекти, и на барање на корисниците пронаоѓање фајлови кои и господ ги заборавил. Оди сега сето тоа дигитализирај го. Како што се вели на сајтот на Lively Morgue: „Ако постираме 10 архивски фотографии секој ден, само од печатената колекција, целиот архив би бил онлајн до 3935. година".
На оние кои се обидуваат да го дигитализираат ова наследство им посакуваме успешна работа, а на Џеф Рот и на сличните како него, долг живот.