„Хураменто“ е мексиканска традиција, ветување, најчесто кон Богородица од Гвадалупе или кон друг светец, за апстинирање од нешто (на пример од алкохол) во одреден период. За разлика од денешната кампања „Сув јануари“ таа не се однесува на одреден период од годината, и иако има католички контекст не е исклучиво поврзана со религијата.
Учесниците, познато како „хурадоси“, одат во црква, понекогаш правејќи посебен аџилак до Гвадалупе и тамошната базилика, или до друга црква која е позната по оваа традиција. Таму, по мисата, „хурадо“-то ветува дека ќе апстинира од алкохол одреден период. Ритуалот вклучува покајание и специфични молитви. Црквите често им даваат или им продаваат и посебни картички на хурадосите кои се симболи на ветувањето. На овој настан присуствуваат и членови на семејството или пријатели, како некој вид сведоци но и поддршка во периодот кој ќе следи.
Покажувањето на ваквата картичка пред пријатели кои запнале да частат пијачка во кафана се почитува, а држењето до ветувањето е работа на чест и вежбање на волјата. Сепак, голем број членови на здруженија од типот на „Анонимни алкохоличари“ во Мексико се противат на оваа традиција, бидејќи нејзината цел не е постојана и континуирана трезност. Од друга страна, не секој е подготвен да се појави во АА и да споделува детали од приватниот живот, па Хураментос, како и „сув јануари“, за нив претставува добра алтернатива.