Ако некој некогаш помислил дека стиховите на Дилан се „тешки", сега има и физички доказ за тоа - новото издание на неговите собрани дела има 960 страници и тежи нешто повеќе од 6 кила. Цената му е 200 американски долари, а тиражот 3,500 примероци. Само 50 копии потпишани од г-дин Дилан ќе имаат и картонска кутија и позлатени страници - ваквиот примерок чини 5,000 долари.
Според претседателот на Сајмон и Шустер, ова е најскапата книга која некогаш ја издале. Потпишаното издание може да се нарача од dylansignedbook.com, а оваа „поевтинава" веќе ја има по книжарници.
Претходната збирка е со наслов „Стихови: 1962-2001", но оваа се разликува по тоа што Кристофер Рикс, книжевен историчар од Бостонскиот универзитет, ги уредил стиховите и напишал долг, филозофски вовед. Сестрите Лиза и Џули Мероу се авторки на луксузниот дизајн. Песните се наредени хронолошки, а ги вклучуваат и алтернативните верзии кои се дел од „бутлег" серијата на Дилан. Репродуцирани се и сите корици на албуми, и од напред, и од назад.
Рикс го објаснува концептот со следниве зборови - „да му се помогне на окото да го види она што го слуша увото". Тоа меѓу другото значи дека ако некој стих е долг во пеената песна, и во онаа на хартија не се „сече", туку се остава да трае, па макар и ја зафатил целата страница сосе маргините. Книгата според него е истражувачко дело, но исто така е и за оние кои едноставно ги сакаат песните на Дилан. И имаат 200 долари да потрошат на неа.