Корнел Вест (за чијашто збирка есеи „Одржувајќи ја вербата“ пишувавме тука), еден од „тешкашите“ на американското интелектуално милје, e со диплома од Харвард а докторат од Принстон. Уште во средно училиште организирал демонстрации на кои повикувал на воведување наставни содржини кои се однесуваат на црното население. Во последниве години предупредуваше на крајот на либерализмот во САД, ера која според него завршува со неофашистички бенг.
Тој неколку месеци водеше спор со Харвард поврзан со неговото место на редовен професор, а во март најави заминување од таму. Сега и јавно го обелодени писмото до универзитетот:
„Кога пристигнав тука пред четири години, со помала плата од претходно и без статус на редовен професор откако веќе бев предавав во 1990-тите на Харвард и на Принстон - се надевав и се молев дека сепак би можел да ја завршам кариерата со нешто што ќе има трошка интелектуален интензитет и личен респект. Колку бев во заблуда!. Само со неколку славни и сјајни исклучоци, сенката на Џим Кроу е фрлена врз новата светликава форма изразена во јазикот на површниот диверзитет: сите мои курсеви се ставени под Афро-американски религиски студии, вклучително и оние поврзани со егзистенцијализмот, американската демократија и начинот на живот“.
И во понатамошниот текст написмото тој не останува должен на Харвард, нарекувајќи го „интелектуален и длабок духовен банкрот“.
Причините за неподготвеноста на овој универзитет да му даде статус на редовен професор (тн. „тенјур“) можеби е во тоа што Вест ја поддржува палестинската кауза, но тоа не е официјално потврдено.
Објавувањето на ова писмо се случува откако Универзитетот на Северна Каролина го стопираше добивањето на звање редовен професор на новинарката добитничка на Пулицер, Никол Хана-Џонс, поради искажана загриженост од поконзервативните членови на бордот. По протести организирани од студенти и вработени, како и закана од тужба, бордот ја промени својата позиција, но таа сепак ја одби понудата преместувајќи се на друг универзитет, кој според неа не е изграден ОД поробени туку ЗА оние кои некогаш биле такви.