
Во 1982 година, програмата за вежбање на Џејн Фонда стана културен феномен. Најпродавано домашно видео на сите времиња, со повеќе од 17 милиони продадени примероци, создаде глобална фитнес револуција, а Џејн Фонда ја претвори во икона во трико и грејачи за нозе. За милиони жени тоа беше првиот чекор во светот на организираното вежбање дома, а за Фонда – влез во една сосема нова индустрија. Но, зад блескавата слика и беспрекорниот бренд стои и едно име што ретко се споменува: Лејни Казден.
Подкастот „Декодер ринг“ ја враќа во фокус токму оваа жена, чие влијание е суштинско за настанувањето на фитнес-империјата, а сепак речиси никогаш не било јавно признаено.
Лејни Казден, инструкторка и креативен ум во светот на аеробикот, била таа што го развила оригиналниот концепт на вежби кој подоцна станал основа на видеата на Фонда. Нејзините ритми, движења и пристап кон телото ја инспирирале актерката и активистка, која во тоа време барала нов начин да ја поврзе својата политичка и јавна ангажираност со културниот животен стил на една нова генерација.
Двете се запознале во 1979, кога Фонда имала проблем со ногата, која ја повредила на снимањето на филмот „Кинескиот синдром“ во којшто глуми со Џек Лемон и Мајкл Даглас. Некој ѝ препорачал да оди на вежбање во тогаш новоотвореното студио на Казден, која за Фонда била мистериозен лик - доаѓала, вежбала без престан час и половина, комбинација на калистеника и балетски техники, и заминувала. Тие сепак се спријателиле, па Џејн дошла на идеја заедно да започнат бизнис со вежбање од кој би се финансирале тогаш актуелните активистички кампањи на Фонда и нејзиниот сопруг Toм Хејдн (конкретно организацијата Кампања за економска демократија).
Сепак, условите што и биле понудени на Казден не биле нималку партнерски. Подкастот ја опишува нивната врска како „пријателство полно со тензии, љубов, предавство и трауми“. Додека Фонда станувала глобална фитнес-гуру, Казден останувала зад сцената – со сè помалку признание за својата улога. Овој дисбаланс не бил само професионален, туку и личен: се појавиле конфликти, недоразбирања и тивки рани што никогаш целосно не зараснале. Што е за право, Фонда ѝ направила чест во својата автобиографија „Мојот живот до сега“ од 2005, каде експлицитно вели дека без неа аеробик програмата не би била тоа што е. Но бадијала почестите, кога милионите отишле на друго место.
Во подкастот Фонда пак признава дека цели 40 години се чувствува лошо поради начинот на којшто ја истретирала пријателката. Казден, пак, делува многу смирено и задоволно од својот живот. Сепак, останува фактот дека таа го нема заземено местото што го заслужува во историјата на култура на телото што ја обликуваше Америка од 80-тите наваму.