Кој ја измислил Коктата?

Првиот газиран сок во Југославија, Коктата била успешно промовирана во март 1953 година, за време на меѓународниот натпревар во ски скокови во Планица. Нејзиниот изумител не само што знаел хемија и технологија, туку и бил махер за маркетинг.

Емерик Зелинка, изумителот на пијалокот чијшто слоган денес гласи „Пијалокот на нашата младост“, израснал во Љубљана, каде што неговиот татко водел ракиџилница. По смртта на татко му во 1927 година, тој ја презел одговорноста за семејниот бизнис. Документите од тоа време покажуваат дека се работело за динамично претпријатие што произведувало ликери, рум, коњак, овошни сокови и лековити вина. Покрај управувањето со производството, Емерик се истакнувал и како трговец и иноватор - уште рано развил модерен логотип со иницијали, што претставувал визионерски дизајн за тоа време.

Како млад прехранбен технолог, работел и во лабораторијата на фабриката „Маријан Бадел“ во Загреб, преку која успеал да посети фабрики на Кока-Кола во Европа. До почетокот на војната ѝ помагал на мајка му во водењето на фирмата, и самиот се сеќавал дека објектот опстанал благодарение на неговиот ангажман.

По војната, семејната фабрика била национализирана. Зелинка продолжил да работи како признат технолог, вклучен и во основањето на „Фруктал“ - првата фабрика за овошни сокови во Словенија. Во 1948 се вработил во „Словенија вино“, каде што првата негова задача била она што денес го нарекуваме Пи-ар, дизајнирање пакувања, изработка на публикации и презентација на енологијата во странски медиуми.

Во 1952 година, директорот на „Словенија вино“ му ја доверил задачата да создаде газирана безалкохолна пијачка слична на Кока-Кола. Така, од шипка, лимон и природни билки (без кофеин), Емерик ја создава Кокта. Процесот го опишувал како уметнички чин, споредувајќи го со компонирање музика - „мелодијата“ на пијачката биле вкусот и аромата, кои морале да бидат во хармонија.

Кокта била подготвена за пазарот во февруари 1953 година. Иако тоа не било вообичаено време за промоции, Планица, со својот престижен зимски настан, била идеална можност. Зелинка, како поранешен скијач, го познавал теренот, а придонело и сончевото време. Со голем ангажман и вложувања, промоцијата станала хит. Спортскиот новинар Милан Ходалич опишал како Планица била преплавена со постери на девојка што пие Кокта со цевче – на железничката станица, хотелите, скокалницата и дури и кај судиите. Зелинка подоцна се присетувал: „Сè распродадовме со помош на девојки во униформи. Единствено се пожали претседателот на Скијачката федерација, велејќи дека направив повеќе реклама за Кокта отколку тој за скоковите.“

Настанот во Планица 1953 година е запаметен како првата голема кампања на целосна визуелна промоција во тогашната планска економија. Архитектот Сергеј Павлин бил заслужен за графичкиот идентитет – од логото и шишенцето, до униформите и камионите со логото на Кокта. За својата работа тој во 2005 добил награда „Безвременски словенечки дизајн“.

Распадот на СФРЈ означил привремен пад на продажбата на Кокта, но пијалокот се покажува отпорен и на ваквите потреси и наоѓа фанови и помеѓу помладата генерација.

11 јуни 2025 - 09:25