
Во различни историски периоди, од изумувањето на печатарската преса па наваму, постерите беа (се?) начин за промоција на здрав начин на живот и укажување на можните опасности од пушење, алкохол, дрога и сл. Онакви кои се појавуваат на метро станиците во големите градови или во чекалните на амбулантите.
Кога уште немало фотографии, а богами и долго време потоа, постерите биле всушност уметнички слики, само со пропагандни пораки и хиперболични сцени (такви генијални советски анти-алкохолни постери во галерија тука).
Во 1941, од сестраниот Дали, кој дури и како славен прифаќал разни нарачки што го инспирирале (како на пример лижавчиња), се нафатил да направи постер кој ги предупредувал војниците во текот на Втората светска војна во врска со опасностите од сексуално преносливите болести. И тоа какви опасности!
Две жени во провокативна поза се прикажани со фантомски глави, а од далеку белината на нивните разоткриени бутови наликуваат и на заби (вагина дентата, ви текнува?). Сиротиот (американски) војник е на раб да биде заведен, но истовремено е и уплашен, каков што и треба да биде.
Од феминистички аспект претставувањето на жените како смртни стапици можеби и не е баш политички коректно. Но морничавоста во случајов си имала своја цел, која не ги бирала средствата.