Најстарата професија со нов лик

Кога дипломата вреди

До крај на август посетителите на Марибор, кој оваа година заедно со португалскиот град Гуимарес ја носи титулата европска престолнина на културата, можат да користат услуги на „интелектуални проститутки".

Станува збор за уличен перформанс преку кои авторите сакаат да го свртат вниманието кон проблемот на невработеноста меѓу младите.

Поштенската улица во Марибор за оваа потреба е прогласена за „улица на црвени светилки", каде секоја сабота и недела од 21 часот до полноќ услугите на „интелектуална проституција" нудат пет млади жени и еден маж, сите со завршен факултет, а некои и со магистерски и докторски титули.

Контактот со клиентот се остварува преку неколку прилагодени кабини, во кои скијачите некогаш се качувале на мариборското Похорје, а цената е 15 евра за разговор на словенечки и 30 за разговор на германски или некој друг европски јазик.

Веднаш штом чув за проектот се сетив на расказот „Курвите од МЕНСА" на Вуди Ален, и излезе дека навистина авторот на перформансот, Зоран Срдиќ Јанезиќ бил инспириран од филм на Ален во кој филмскиот лик се жали дека неговиот однос со жената не функционира како што треба затоа што со неа не може да разговара за поезијата на Т.С. Елиот и Езра Паунд, па му се потребни краткотрајни вонбрачни односи со некоја интелектуалка за кои е подготвен да плати.

„Диплoмирав на студиите по култура и филозофија, и магистер сум, но не можам да добијам работа, па овој месец ќе морам да работам како чистачка на зеленчук во една фабрика за храна", изјавила Миша Гамс, една од „интелектуалните проститутки".

Со „сексуалните работници" во проектот може да се разговара за литература, но и за филмска критика, психоанализа и други области, особено од хуманистичките науки.

31 јули 2012 - 11:04