„Кисел Валентајн“: навредливите картички испраќани во 19 век

Нема полошо од тоа да добиеш вербална „корпа“ од симпатијата, и тоа баш на 14.2. Ама овие картички биле и нешто повеќе од тоа - вистински хејт мејл, за кој дури си морал и да платиш при прием на пораката.

Сега би се викал „хејт мејл“, но при средината на 19 век во САД и Британија ова бил начин на потенцијалните удварачи да им се даде до знаење дека „џабе везат“.

Станува збор за картички со соодветен текст и илустрација кои се наоѓале во комерцијална продажба, но кои за разлика од оние вистински љубовните го искажувале во најмала рака нерасположението (главно на девојките) да почнат врска со оние кои им се пуштале. Биле испраќани анонимно, па оној кој ќе ги добиел требало да погоди кој е испраќачот, плус да плати за доставата.

„Киселите Валентини“ како што се нарекувале, сепак не биле обични „корпи“, туку содржеле невкусни па дури и вулгарни текстови. Биле испраќани на пијаници, разуздани ергени, „хипстери“, но и на стари моми. Според податоци од 1847 од голем њујоршки издавач, продажбата на ваквите картички и на оние за љубовниот Валентајн била изедначена.

Додуша не сите „кисели“ пораки се однесувале на нешто љубовно. Тие им биле испраќани и на нељубезни продавачи или на доктори кои прекумерно наплаќале за своите услуги без да им помогнат на пациентите („доктор Сигурна смрт“). На мета биле и суфражистките (што би се рекло, денешните феминистки) кои добивале вакви погрдни картички само поради нивниот интерес за подобрување на женските права. На нив биле претставувани како грди или како стармали кои нон-стоп мрчат.

Модата за испраќање на вакви картички продолжила и во раниот 20 век. Во 1905 во Сан Франциско 25.000 од нив доцнеле затоа што службениците не можеле да постигнат да ги дистрибуираат. Некои пошти дури и одбивале да ги процесираат, заради нивната вулгарна содржина.

Како што љубовните картички за Валентајн почнале да се заменуваат со срциња и чоколади, така и оние киселите почнале да губат на популарност. Денес додуша има и електронски од типот на Wrong Cards, кои се подеднакво саркастични, и тоа не само кон Валентајн.

извор

14 февруари 2020 - 14:59