Како за Валентајн: рачно направена „порнографија“ (во светот и кај нас)

„Рачно правена“ е веројатно намерна игра на зборови во наслов на книга на Лиза З. Сигел од 2020, која се рекламира како „прва историја на американската ракотворена и домашно изработена порнографија“. А не дека нема таква и кај нас. 

„Порнографија“ обично асоцира на интернет ХХХ содржини, на домашни видеа (кои често стануваат не-домашни, особено ако се во прашање славни личности) или на секси шопови каде можат да се најдат различни индустриски изработени „играчки за возрасни“. 

Но еден тип „порно“ е главно затскриен, а ги вклучува сите оние артефакти кои луѓето си ги прават самите, за сопствен ќеф и не за голем профит. Оваа „наивна уметност“ сепак вклучува занаетчиски, дизајнерски и други вештини, и особено од историска перспектива се многу интересни за различни видови проучувања.

Aвторката на „Народно порно: историја на рачно направената порнографија во Америка“, Лиза З. Сигел, речиси цела деценија работела во архиви и музеи и се среќавала со колекционери и дилери на антиквитети, за да сфати како луѓето низ цела Америка, од 1830-1970-тите, цртале, сликале, лепеле или резбале „секси“ предмети од дрво, камен или коска, кои понекогаш имале не само естетска туку и многу практична примена (не секогаш сексуална, но со таква конотација). Често пати направени со сосема рудиметарни уметнички вештини, овие предмети преставувале и некој вид отпор кон комерцијално произведената порнографија. 

Помеѓу предметите има, на пример, чепкалка за заби од времето на Втората светска војна, каде „чепкалката“ е всушност прилично долго „чепкало“. На преминот помеѓу 19 и 20 век биле правени мали ковчези како еден вид „мементо мори“ кои криеле изрезбани фигури - кога ќе се кренел капакот на ковчегот истовремено се кревало и нешто друго, односно починатиот во него добивал ерекција. Голем дел од рачно изработената порнографија била правена на село, па сцените со петли кои „клецаат“ кокошки, кучиња качени едни на други и други сцени од репродуктивниот циклус на домашните животни биле симболи и на човечкото „клецање“. 

Жените разменувале мостри за „порно“ престилки, везови или онакви ракавици за вадење тавчиња од рерна. Oва особено се засилило во текот сексуалната револуција од 1970-тите. Денес, кога пазарот е преплавен со разни силикони, пластики, механички справи на батерии и мејнстрим порно визуелизации, кои личат едни на други како...јајце на јајце, освежува кога ќе се сретнат ентузијасти кои ја продолжуваат традицијата на ракотворење, па и кога станува збор за „безобразни“ предмети.

И веднаш бесплатна реклама за таквите наши локалци, Тања и Борче од Керакамика, кои изработуваат шољички, вазни, украси, но и керамички дилдоа. Може да си ги ставите на полица како симбол на плодност, или да си ги користите, сами или во друштво. Па, Валентајн е, или ш’о?

14 февруари 2022 - 17:29