Ударот од гром подразбира огромна електрична енергија, далеку посилна од онаа што се користи во медицински цели или за егезкуција на електрична столица. Сепак, таа поминува низ телото за дел од секунда, па луѓето често преживуваат. Искуството е различно: некои веднаш губат свест, други го паметат моментот како слоу-моушн сцена – силен блесок, пробивен звук и понекогаш силна, а често и никаква болка. Повредите зависат од тоа како струјата влегува и се движи низ телото. Понекогаш остава изгореници, фрактури или карактеристични шари на кожата, но често нема видливи траги.
Иако надворешно преживеаните изгледаат нормално, последиците најчесто се внатрешни. Бидејќи телото функционира преку електрични сигнали, громот може да ги наруши срцето, мозокот и нервниот систем. Се јавуваат проблеми со меморијата, сонот, слухот, концентрацијата, па дури и со основни вештини што човекот претходно ги владеел. Некои чувствуваат необјасниви сензации, мириси или вкусови, а симптомите можат да траат со години. Медицинските испитувања често не покажуваат ништо, па многу лекари не знаат како да помогнат, а околината понекогаш не им верува на нивните искуства.
Покрај физичките, постојат и длабоки психолошки последици. Преживеаните се соочуваат со прашања за случајноста и судбината, но и со неверување од другите. Затоа тие често се собираат во групи за поддршка, каде што можат да споделуваат искуства и да се чувствуваат разбрани. На такви средби се дискутираат терапии, се разменуваат лични стратегии за справување и се гради чувство на заедништво.
Многумина од нив се борат со посттрауматски стрес, хронична болка и промени во секојдневниот живот – од заборавен шпорет до неможност да работат како порано. Некои пријавуваат дека биле погодени повеќепати, што е статистички речиси невозможно, но научниците објаснуваат дека тоа може да биде поврзано со траума и оштетен нервен систем, кои создаваат силни и реални сензации.
И покрај реткоста на овие настани, искуството на преживеаните покажува колку малку медицината ги разбира долгорочните ефекти од електрични повреди. Во исто време, нивните приказни ја откриваат човечката потреба за смисла: некои веруваат дека преживеале со причина – за да им помагаат на други, додека други остануваат со чувство дека се жртви на чиста случајност.