Жан-Жак Мегел-Нубер од Алзас не замислувал дека неговиот дом ќе биде всушност книжарница. Но сакал да ја има, и таа да биде подвижна.
Најпрвин си ја замислувал на брод. Или во колиба, ама таква која е на тркала и влечена од трактор. „Не сакав луѓето да треба да дојдат до мене, сакав јас да појдам до нив“, вели тој.
До пред четири години, Мегел-Нубер работел како директор на патувачка театарска трупа за деца. И тогаш, исто како и сега со книжарницата, тој „транспортирал“ култура и изведби во живо во делови од Франција во кои такви имало ретко. Тоа го инспирирало да продолжи со ваков номадски начин на живот, но кој истовремено има мисија која сака да ја сподели со оние со кои ќе дојде во контакт.
Сепак, правењето на неговата подвижна библиотека било потешко отколку што очекувал. Ја замислил од дрво, бидејќи само во таков објект би му било пријатно да живее, а и заради тоа што книгите, односно хартијата во нив, е преработено дрво. Но дури кога се споил со компанија која специјализира во мали мобилни куќички (La Maison Qui Chemine), неговиот сон почнал да се остварува, и тоа со пари собрани преку платформата Улуле.
Паулин Фаге, која ја проектирала куќичката, вели дека се инспирирала од Хогвартс и од други библиотеки кои изгледаат романтично, но и нудат изолација од надворешниот свет, како удобни и заштитени места. Крајниот резултат е преубав - подвижна книжарница од 11 квадратни метри речиси целата направена од борово дрво. Освен полици полни со книги и место за читање, тука собира дури и тоалет и агол за готвење. А има и мезанин, каде стои креветот на сопственикот, кога е на пат.
Во текот на кампањата за собирање средства имало и трогателни приказни на луѓе кои немале пари но сепак сакале да помогнат. Меѓу нив и една 97 годишна жена која му ја донирала целата своја библиотека, и умрела пред книжарницата да е готова. Во моментов вкупниот број книги на залиха се 12.000, но во куќичката собира околу 3000.
И покрај тоа што е опкружен со книги и доста чита, Мегел-Нубер не се смета за „начитан“. „Месецов прочитав 15 книги. Годишно...можеби 120? 130? Не, искрено не читам многу“, вели тој.