НЕМА ЖИВОТ БЕЗ КАФЕТИН
Ене ми ја главата
на ТВ, куглаат со неа.
На другата програма еден
идиот ја џигери со бејзбол палка.
Некој ми кажа дека ја видел како
се тркала од врвот на Марково Крувче.
Можам да се пофалам дека имам здрава
домашна аптека, но кафетин нема ни за лек.
Ѕирнав низ прозорецот да ја проценам
вината на времето, ми падна од десетти кат.
Внимавајтеее, глава! – викнав на сет глас
престрашен да не повреди некого.
Пред Зегин децата играа фудбал со неа.
Се напив кафетин и почнав да навивам.
По петнаесет минути ко нечии невидливи
раце да ми ја вратија на вратот,
онака како што се става
кацига на глава.
Joвица Ивановски
29.11.2016
НЕМА ЖИВОТ БЕЗ ВАЛЕРИЈАНА
Ене ми ја душата
на Фејсбук,
си подаваат со неа ко за „народна“.
На Твитер една мифка
со клоца ја мава во препона.
Некој ми рече дека слушнал
како ударот оддекнува низ Длапкин дол.
Можам да се пофалам дека
домашната аптека ми е полна завои,
ама фластер за душа немам.
Погледнав кон небото за да ја проценам неговата вина,
душата ми згазна во кучешко гомно.
Маалските мачки само фаќаа сеир,
никој не ѝ рече - внимавај.
Си налеав триесет капки валеријана
и се оптегнав со нив на првиот присој
По четириесет дена
ко нечии невидливи раце да ми ја вратија в гради,
онака како што се става
поправен мотор под хауба.
Илина Ј.
30.11.2016