Драматургот Дени Томпсон е ко-основач на театарот Ублек од Чикаго. Бекет веројатно му е опсесија, бидејќи една од неговите претстави се вика „Комплетните загубени дела на Сејмуел Бекет онакви какви што се најдени во корпа во Париз во коверт (делумно изгорен) со назнака: Никогаш да не бидат изведени. Никогаш. Ама ниту еднаш! Или ќе ве дадам на суд. Ќе ве тужам од гробот!!!“ (да ова е целиот наслов). Дваесет и пет години по смртта на Бекет, во 2014, тој искористил архивски снимки од Бекет како се шета низ Берлин во 1969, за шпица на непостоечка полициска серија.
Музиката, монтажата и воопшто целата естетика на видеото одговара на вистинските серии од овој жанр од 1970-тите. Во оваа сепак има понеобични актери - Жан Пол Сартр, Жан Кокто, и џинот Андре. За необичното пријателство на Бекет со последниов, чие вистинско име било Андре Рене Русимов, пишувавме и претходно. Страдал од акромегалија или гигантизам, хормонално нарушување кое резултира со прекумерен раст. Семејството на Андре живеело во близина на Бекет, но немало автомобил, а синот не можел да влезе во школскиот автобус. Така Бекет се понудил да го вози Андре секој ден до училиште во својот камион. Во ова видео тој ја игра улогата на лик под име „Малиот Бим“. Насловот на имагинарната епизода е наслов на збирка раскази на Бекет од 1934 - More Pricks than Kicks.