Од тоа да имаш цел остров сам за себе до тоа да мораш да се преселиш во мал стан - Мауро Моранди, кој има 81 година, по три децении поминати на Будели, остров во близина на Сардинија, ќе мора да го напушти, поради нешто што изгледа како чист инает на властите.
Во 1989, кога неговиот катамаран се расипал на пат до јужниот Пацифик, тој нашол засолниште на островот познат по своите плажи со розов песок. Судбината сакала токму тогаш да се пензионира доготашниот чувар, па Моранди ја презел неговата улога - го прекинал пловењето, го продал бродот и останал на осровот.
Оттогаш живее во поранешно засолниште од Втората светска војна кое гледа накај убав залив и вели дека го познава секое дрво и секое животно. Неговото заминување е под притисок на властите одговорни за националниот парк Мадалена, кои раководат со Будели од 2016 и сакаат да му го земат домот на Моранди за да прават „хаб“ за еколошко образование. Нивното образложение е дека никогаш официјално не потпишале ништо со Моранди и дека тој практично живее на диво во објектот, на кого направил и промени (читај: го одржувал и поправал) без потребните дозволи.
Моранди, кој е по потекло од Модена во централна Италија, вели дека сега ќе земе мал стан на најголемиот остров во архипелагот, Ла Мадалена. Неговиот живот нема да се промени многу, бидејќи вели дека ќе оди во град само за набавки а останатото време повторно ќе биде сам, гледајќи во морето.
„Се надевам некој ќе се грижи за островот онака како што јас го правев тоа“, вели тој. Неговата улога на неофицијален водич и чувар дошла под знак прашање кога приватната компанија која го поседувала островот банкротирала. Плановите да го продадат на извесен бизнисмен од Нов Зеланд но под услов да го задржи Моранди пропаднале, бидејќи започнале протести по што морала да интервенира италијанската влада. Во 2016 судија од Сардинија пресудил дека островот треба да се врати во јавни раце.
На туристите им е забрането да пешачат на розовите плажи од каде често е краден песок, а забрането и капењето, но посетите во текот на денот се дозволени. Само што сега ќе го нема Моранди да ги пречека туристите.