Го нарекуваат „Дон Кихот на книжарите“, витез кој се бори против мултинационалните компании за онлајн продажба на книги со помош на еден - црвен карго точак.
„Дон Кихот се бореше против ветерници“, вели Лука Амброџио Сантини. „Моите ветерници се онлајн, тоа се трговците од оние чудовишни компании, кои за нас, независните книжари, изгледаат непобедливи“.
Тој вели дека сега со помош на својот верен „коњ“ практично го прави истото што и Амазон, само што често е и побрз од него. Почнал да доставува до дома и пред пандемијата, уште од 2015, кога бил единствениот продавач на книги во Италија што го правел тоа. Сега неговата подвижна книжарница се нарекува LibriSottoCasa (Книги до прагот), а главно вози низ јужните населби на Милано. Во моментов има доста работа, бидејќи луѓето имаат повеќе време за читање.
Сантини 20 години водел книжарница спроти аудиториумот кој е дом на симфонискиот оркестар Џузепе Верди, а продавницата била особено популарна за оние кои барале специјализирани книги од областа на музиката. Но кога онлајн продажбата се зголемила, тој почнал да наидува на финансиски проблеми, и не успеал да го одржи бизнисот, и покрај тоа што луѓето од маалото организирале иницијативи за поддршка.
Сега е дел од движење на 2000 книжари низ цела Италија кои неодамна решија да го предизвикаат Амазон со поставување на своја онлајн платформа, Букдилер. Ова е прва ваква инцијатива во Италија која овозможува пребарување на книги и лоцирање на најблиската книжарница, како и виртуелни посети на продавниците. Сантини вели дека овој период ја нагласил важноста на независните локални книжарници и дека генерално луѓето покажуваат солидарност со нивните напори.