Бил Милер, инвеститорот кој цели 15 години успевал да оствари поголем приход од просекот на на 500-те најдобри американски компании, донираше 75 милиони долари на катедрата по филозофија на Универзитетот каде самиот дипломирал.
„Голем дел од мојот успех во бизнисот го должам на аналитичката обука и навики на умот кои ги развив додека бев додипломец на Џон Хопкинс“, изјавил тој.
Одделението пак веднаш донело одлука дека ќе биде преименувано во чест на Милер. Со помош на донацијата ќе се овозможи двојно зголемување на бројот на вработени, на 22 лица професорски и истражувачки кадар, a ќе се отворат и нови курсеви.
Одреден број милијардери и бизнис џинови веќе имаат воспоставено големи награди во областа на хуманистиката, како Џон В. Клуг чие признание тежи 1.5 милиони долари. Востановена во 2003 а доделувана од Конгресната библиотека, целта на оваа награда е да ги промовира дисциплините кои не се покриени со Нобеловата. Списокот на досегашни добитници ги вклучува Фернандо Енрике Кардозо, социолог и поранешен претседател на Бразил, како и филозофите Лешек Колаковски, Пол Рикер и Јирген Хабермас.
Но донацијата на Милер е од поинаква природа, и се однесува на инфраструктурата на професијата, за која тој се надева дека ќе доживее „промена на траекторијата и зголемено влијание врз општествениот живот“.
Милер (67) не е единствената славна личност од Вол стрит со филозофско образование. Сорос бил повлијаен од австрискиот филозоф Карл Попер, а бизнисменот и филантроп Карл Ајкан завршил на Принстон каде магистрирал со теза под наслов „Проблемот на формулирањето адекватно објаснување за емирицистичкиот критериум за значењето“.